Бугарскиот претседател Румен Радев упати нови пораки до официјално Скопје, оценувајќи дека македонското раководство прави сè што може за да го одложи патот на државата кон Европската Унија. Тој порача и дека во моментов не гледа потреба од средба со премиерот Христијан Мицкоски.
Изјавите на Радев доаѓаат по усвојувањето на најновиот извештај за напредокот на Македонија во Европскиот парламент, во кој остануваат нотирани обврските што земјата треба да ги исполни во рамки на евроинтегративниот процес.
Во финалниот текст е задржан Вториот протокол од Договорот за добрососедство со Бугарија, а се потенцира и потребата од конкретни резултати во работата на историската комисија. Дополнително, се нагласува обврската за спроведување на договореното со Софија, при што уставните измени и натаму се посочуваат како клучен предуслов за отворање на првиот преговарачки кластер со Европската Унија.
Радев се осврна и на неодамнешниот инцидент со опожарувањето на дипломатски возила на бугарската амбасада во Скопје. Запрашан за можноста за средба со Мицкоски, тој изјави дека „нема што повеќе да си кажат“.
Бугарскиот претседател истакна дека консензусот постигнат во јули 2022 година мора да се почитува и оцени дека е потребно дополнително ангажирање за зачувување на позициите усогласени меѓу земјите членки на Европската Унија.
Со овие пораки од Софија повторно се потврдува ставот дека внесувањето на Бугарите во Уставот, имплементацијата на договорените протоколи и напредокот во работата на заедничката историска комисија остануваат меѓу главните услови за натамошен напредок на Македонија во пристапните преговори со Европската Унија.
МОЖЕБИ ЌЕ ВЕ ИНТЕРЕСИРА:












