Грчките власти уапсија припадник на армијата под сомнение дека протекувал доверливи разузнавачки информации на странски лица, објавија медиумите во земјата. Според весникот „Катимерини“, постои сомнеж дека осомничениот користел енкриптиран софтвер за пренесување чувствителни податоци, а како можен примател се споменува Кина.
Според првичните информации, станува збор за офицер од Воздухопловните сили кој извршувал штабна функција поврзана со комуникациски и електронски системи, што му овозможувало пристап до доверливи информации за грчките воени активности и операции на НАТО. Осомничениот, наводно маж на возраст меѓу 40 и 50 години, бил под надзор на Националната разузнавачка служба неколку месеци пред апсењето.
Истражителите реагирале откако забележале зголемена активност и собирање значителна количина чувствителен материјал. Засега не е познато колку информации биле евентуално споделени.
Воени извори случајот го оценуваат како сериозна потенцијална закана за националната безбедност на Грција и за безбедноста на НАТО. Се проверуваат и информации дека осомничениот можеби се обидел да регрутира и други лица, но не е потврдено дали постои поширока мрежа.
МОЖЕБИ ЌЕ ВЕ ИНТЕРЕСИРА:












