Меѓународната хуманитарна организација Лекари без граници соопшти дека делумно ги прекинува своите активности во болницата „Насер“, една од најголемите здравствени установи што сè уште функционираат во Појасот Газа, поради сериозни безбедносни закани.
Од организацијата информираат дека пациентите и медицинскиот персонал пријавиле присуство на вооружени и маскирани лица во болницата, што создало чувство на несигурност и страв.
Здравствената установа, лоцирана во Кан Јунис, е една од ретките што продолжуваат да работат во услови на војна и досега згрижи стотици повредени и болни. Според договорот за прекин на огнот постигнат минатата година, болницата служи и како центар за медицинска грижа за Палестинци ослободени од израелските затвори во замена за израелски заложници на Хамас.
„Лекари без граници“ соопштија дека сите неитни медицински интервенции се суспендирани поради, како што наведуваат, „закани за безбедноста на тимовите и пациентите“. Организацијата пријавила и случаи на заплашување и произволни апсења на пациенти.
За време на конфликтот, Израел повеќепати изведе напади врз болнички објекти, меѓу кои и болницата „Насер“, тврдејќи дека борците на Хамас дејствуваат во нивна близина или во рамките на здравствените комплекси.
МОЖЕБИ ЌЕ ВЕ ИНТЕРЕСИРА:












