Претседателката Гордана Сиљановска-Давкова, во рамки на официјалната посета на Хрватска, денеска ќе одржи предавање на Правниот факултет во Загреб.
Во текот на посетата, таа ќе оствари средба со деканот проф. д-р Иван Коприќ, а предавањето ќе се одржи на хрватски јазик со можност за интеракција со студентите. Модератор на настанот ќе биде продеканката за наука, проф. д-р Елизабета Ивичевиќ Карас.
Претходно, Сиљановска-Давкова во Загреб беше пречекана со највисоки државни и воени почести од хрватскиот претседател Зоран Милановиќ, по што оствари средба и со премиерот Андреј Пленковиќ.
Во рамки на посетата, таа положи венци на Споменикот на татковината, како и на спомен-бистата на Блаже Конески во паркот Бундек.
Претседателката истакна дека ѝ претставувало чест да оддаде почит на Конески, нагласувајќи го неговото значење како филолог, поет, преведувач и прв претседател на МАНУ. Таа додаде дека неговото присуство во Алејата на писателите во Бундек е доказ за неговата трајна и универзална вредност.
Официјалната посета на Хрватска, Сиљановска-Давкова ја започна со посета на македонската православна црква „Свети Злата Мегленска“ во Загреб, каде оствари средба со претставници на македонската заедница.
МОЖЕБИ ЌЕ ВЕ ИНТЕРЕСИРА:












