Владата донесе одлука за прогласување кризна состојба во Општина Гостивар во траење од 30 дена поради состојбата со водоснабдителниот систем и последиците од загадувањето на водата за пиење.
Одлуката е донесена бидејќи, како што информираат од Владата, локалната самоуправа не можела сама да се справи со настанатата состојба. Целта е да се обезбеди побрза координација меѓу институциите, ставање на водоснабдителниот систем во функција и обезбедување безбедна вода за пиење за граѓаните во најкус можен рок.
„Здравјето на граѓаните на Општина Гостивар останува фокус на Владата и посветени сме кон целосно решавање на овој проблем“, соопшти владината прес-служба.
Од Владата очекуваат Јавното обвинителство да спроведе детална истрага за случајот и да ја утврди одговорноста на сите лица кои евентуално го ставиле во ризик здравјето и животите на гостиварци.
Во меѓувреме, Основниот суд во Гостивар им определи 30-дневен притвор на тројцата осомничени во истрагата за загадувањето на водата за пиење, прифаќајќи го предлогот на Основното јавно обвинителство Гостивар.
Притвор е определен за вршителката на должност директор на ЈП „Комуналец“ – Гостивар, Артана Асани, раководителот на Одделението за водовод, Вадедин Даути, и техничкиот директор на претпријатието, Леон Мезини.
Обвинителството ги товари осомничените за тешки дела против животната средина и природата, поврзани со загадување на вода за пиење. За ова кривично дело е предвидена затворска казна од најмалку четири години.
Истрагата беше отворена по пријавите за загадување на водата во Гостивар. Надлежните извршија проверки на терен, обезбедија документација од ЈП „Комуналец“ и земаа мостри од повеќе локации.
Според досегашните информации од Обвинителството, анализите покажале присуство на колиформни бактерии на една од испитуваните точки, како и зголемена концентрација на хлор во еден од примероците.
Од Обвинителството претходно информираа дека истрагата продолжува и дека не е исклучена можноста таа да биде проширена со други лица доколку бидат обезбедени нови докази.
МОЖЕБИ ЌЕ ВЕ ИНТЕРЕСИРА:












