Жозе Мурињо се поврзува со можен трансфер на клупата на Њукасл Јунајтед, во период кога сè погласни се шпекулациите околу иднината на актуелниот тренер Еди Хау.
Во меѓувреме, поранешниот англиски фудбалер Крис Водл ја коментираше ситуацијата и дилемата со која би се соочил секој клуб што би го ангажирал „Специјалниот“ – дали приоритет се трофеи или атрактивен стил на игра.
Иако Мурињо зад себе има богата тренерска кариера со освоени титули во повеќе европски клубови, дел од јавноста и фудбалските аналитичари често го критикуваат дека неговиот стил е премногу дефанзивен и помалку атрактивен.
„Нема да кажам дека Мурињо е лош тренер, тој освои речиси сè што може да се освои. Во моментов е во Бенфика и реално ќе биде конкурентен бидејќи во Португалија има неколку силни екипи. Се споменува и негово враќање во Реал Мадрид“, изјави Водл.
Тој додаде дека резултатите се клучни, но во клуб како Њукасл се очекува и офанзивен, атрактивен фудбал.
„Луѓето ќе го толерираат стилот ако победуваш. Но во Њукасл мораш и да победуваш и да играш атрактивно. А искрено, Мурињо со години не е тренер што нуди забавен фудбал“, истакна Водл.
Според него, сè зависи од резултатите – добрите резултати носат поддршка, додека поразите брзо ја менуваат перцепцијата.
И покрај тоа, Мурињо се споменува како еден од главните кандидати за клупата на Њукасл доколку дојде до разделба со Еди Хау.
МОЖЕБИ ЌЕ ВЕ ИНТЕРЕСИРА:












