Министерот за дигитална трансформација Стефан Андоновски во наредните два дена ќе престојува во официјална посета на Вилнус, Литванија.
Посетата е реализирана на иницијатива на Амбасадата на Литванија во Македонија, а агендата предвидува повеќе средби на високо ниво со институции задолжени за дигитализација, иновации и сајбер-безбедност.
Во рамки на посетата, Андоновски ќе се сретне со Едвинас Грикшас, министер за економија и иновации на Литванија. Планирани се и состаноци со заменик-министрите за надворешни работи и за национална одбрана.
Од Министерството посочуваат дека посетата претставува уште една потврда за добрите односи меѓу двете држави, особено по неодамнешната одлука на Владата за отворање македонска амбасада во Вилнус.
Новата амбасада, според најавите, ќе има и поширока регионална улога, со покривање на останатите балтички земји во политичката, економската, културната и конзуларната соработка.
Литванија важи за една од поактивните членки на Европска Унија и НАТО во областа на безбедносните политики и проширувањето на Унијата, а континуирано ја поддржува и европската интеграција на Македонија.
МОЖЕБИ ЌЕ ВЕ ИНТЕРЕСИРА:












