Претседателот на СДСМ, Венко Филипче, денес упати јавен повик до премиерот Христијан Мицкоски и владејачката коалиција за распишување референдум на кој граѓаните би се изјасниле за евроинтеграцискиот процес на земјата.
Повод за реакцијата, како што изјави Филипче на прес-конференција, се вчерашните пораки на премиерот дека државата е подготвена да ја плати цената за членство во Европската Унија и дека нема да има нови отстапки на тој пат.
Филипче оцени дека јавноста останува без одговор кои се тие отстапки и кој би ја плаќал цената, обвинувајќи дека претходните политички најави за враќање на името и поништување на Преспанскиот договор не биле исполнети.
Тој додаде дека дел од поранешната реторика на ВМРО-ДПМНЕ во однос на стратешките договори и идентитетските прашања се променила по доаѓањето на власт, наведувајќи дека функционери на власта веќе ги прифатиле постигнатите договори и реалноста од нив.
Во своето обраќање, Филипче истакна дека последиците од, како што рече, блокирањето на европскиот пат и економските политики ќе ги почувствуваат граѓаните, обвинувајќи ја власта за задолжување и недостиг на мерки.
Тој нагласи дека СДСМ нема да поддржи политики што водат кон изолација и иселување на младите и дека одлуката за иднината на државата треба да ја донесат граѓаните преку референдум.
МОЖЕБИ ЌЕ ВЕ ИНТЕРЕСИРА:












