Основците и средношколците во Македонија денеска го завршуваат наставниот процес за учебната 2025/2026 година и од утре официјално започнува нивниот летен распуст, кој ќе трае до 31 август.
За повеќе од 14.500 матуранти наставата заврши уште на 15 мај, а во тек се и завршните испитни активности поврзани со државната матура. Утре (11 јуни) учениците што се пријавиле ќе го полагаат задолжителниот екстерен испит по мајчин јазик (македонски, албански, турски или српски), додека на 12 јуни ќе се одржи испитот за државна стручна и уметничка матура. Првиот екстерен изборен предмет беше реализиран на 6 јуни.
Според податоците, од вкупно 14.587 пријавени ученици, 12.184 полагаат државна матура, 2.276 стручна матура, а 127 уметничка матура.
Во меѓувреме, полуматурантите се подготвуваат за упис во средно образование, кој ќе се реализира електронски преку порталот Uslugi.gov.mk со најава преку системот schools.mk, по што документацијата ќе се доставува во избраните училишта.
Според Конкурсот на Министерството за образование и наука, во јуни се предвидени два уписни рока: првиот од 12 до 15 јуни и вториот на 23 јуни, додека во август ќе има дополнителен уписен рок на 20 август.
Во сите 109 јавни средни училишта во државата се предвидени над 25.000 слободни места, од кои повеќе од 17.000 се во стручното образование, околу 6.000 во гимназиите и 570 места во уметничките насоки.
МОЖЕБИ ЌЕ ВЕ ИНТЕРЕСИРА:












