Американскиот производител на чипови Енвидија во понеделникот претстави нов процесор кој овозможува функциите на вештачката интелигенција директно да работат на лаптопи и десктоп компјутери, пренесува Ројтерс.
Испораката на новиот чип е планирана за есенва, а експертите оценуваат дека тој би можел значително да го промени начинот на кој корисниците ја користат вештачката интелигенција, со тоа што голем дел од обработката ќе се извршува директно на уредите, без зависност од cloud системи.
Извршниот директор на Енвидија, Џенсен Хуанг, кој престојува во Тајван по повод технолошката конференција Компјутекс, изјави дека чипот RTX Spark е дел од заедничките напори на Енвидија и Мајкрософт за „реобмислување на персоналниот компјутер“ во ерата на вештачката интелигенција, по неколкугодишна соработка меѓу двете компании.
Чипот е дизајниран да овозможи т.н. AI агенти да работат локално на уредот, наместо целосно да зависат од облачни сервиси. Според експертите, ова може да го трансформира класичниот компјутер во „паметен“ персонален уред со вградена вештачка интелигенција, способен да извршува напредни задачи во реално време.
Паралелно со RTX Spark, Енвидија го претстави и процесорот Вера, наменет за работа со AI агенти, кој веќе предизвикува интерес кај големи технолошки компании, меѓу кои се OpenAI, Антропик и СпејсИкс.
Во своето обраќање, Хуанг нагласи дека новите процесори ѝ отвораат на компанијата пристап до пазар вреден околу 200 милијарди долари и дека ова ќе биде еден од главните двигатели на идниот раст на Енвидија. Тој ја нагласи и клучната улога на Тајван во глобалната технолошка индустрија, нарекувајќи го важен центар на производството на напредни чипови.
Хуанг исто така ги отфрли тврдењата дека вештачката интелигенција ќе го намали бројот на софтверски инженери, оценувајќи ги како неточни и нагласувајќи дека технологијата, напротив, ја зголемува продуктивноста и отвора нови работни места.
Настанот се одржа во пресрет на саемот Компјутекс во Тајпеј, кој ќе трае од 2 до 5 јуни и важи за еден од најважните технолошки настани во светот.
МОЖЕБИ ЌЕ ВЕ ИНТЕРЕСИРА:












