На штотуку објавената листа „Глобал 2000“ на Центарот за рангирање на светски универзитети нема ниту еден македонски универзитет. Листата се базира на анализа на повеќе од 80 милиони податоци и претставува едно од најсеопфатните светски рангирања на високообразовни институции.
Според податоците, најдобро рангиран универзитет од земјите на поранешна Југославија е Универзитетот во Белград, кој се наоѓа на 393. место. По него следуваат Универзитетот во Љубљана на 444. место и Свеучилиштето во Загреб на 522. позиција.
Од Србија на листата се уште три универзитети: Универзитетот во Нови Сад (1.136 место), Универзитетот во Крагуевац (1.549) и Универзитетот во Ниш (1.886). Од Хрватска, покрај Загреб, на листата се и Универзитетот во Сплит (953) и Универзитетот во Риека (1.658), додека од Словенија е вклучен и Универзитетот во Марибор, кој се наоѓа на 1.293. место.
Највисоко рангирани универзитети во светот оваа година се Харвард, МИТ, Стенфорд, Кембриџ, Оксфорд, Принстон, Универзитетот во Пенсилванија, Колумбија, Јеил и Универзитетот во Чикаго.
Центарот за рангирање ги оценува универзитетите според четири клучни критериуми: квалитет на образование (25%), вработливост на дипломци (25%), квалитет на наставен кадар (10%) и истражувачки перформанси (40%), без користење на анкети или податоци доставени од самите универзитети.
За овогодинешното рангирање се анализирани над 81 милион податоци, базирани на конкретни резултати и научни и образовни перформанси.
САД се втори по број на универзитети во првите 2.000, со 313 институции, додека Кина е прва по застапеност. Во топ 10, САД имаат осум универзитети, а меѓу најцитираните во светот се Харвард, Стенфорд и МИТ.
Кина има 360 универзитети во првите 2.000, Јапонија 102, Обединетото Кралство 89, Франција 71, а Русија 42 институции во ова рангирање.
МОЖЕБИ ЌЕ ВЕ ИНТЕРЕСИРА:












