Портпаролот на ВМРО-ДПМНЕ, Валентин Манасиевски, на денешната прес-конференција ги презентираше ставовите на партијата во врска со евроинтегративниот процес и можните уставни измени, нагласувајќи дека Македонија нема да прифаќа нови отстапки без јасни гаранции од Европската Унија.
Од владејачката партија порачаа дека секој следен чекор на европскиот пат мора да биде проследен со цврсти, конкретни и писмени гаранции во форма на официјални заклучоци од Европската Унија.
Манасиевски во своето обраќање упати критики кон лидерот на СДСМ, Венко Филипче, како и кон поранешниот премиер Зоран Заев, оценувајќи дека претходните политички договори донеле сериозни отстапки без да ги испорачаат очекуваните резултати.
„Тогаш беше променето уставното име на Македонија, со длабоки уверувања дека тоа ќе значи сигурен влез во Европската Унија. Но, наместо членство во ЕУ, Македонија доби нови условувања, нови блокади и нови понижувања“, изјави Манасиевски.
Тој посочи дека ВМРО-ДПМНЕ нема да дозволи нови отстапки доколку претходно не бидат заштитени националните интереси и обезбедени гаранции дека земјата навистина ќе напредува кон членство во Европската Унија.
Воедно, од партијата побараа Бугарија да започне со спроведување на пресудите на меѓународните судови кои се однесуваат на правата на македонското малцинство во таа земја.
„Венко Филипче, наместо да бара уставни измени, нека му пренесе на својот бугарски претседател Румен Радев дека Македонија очекува конкретна испорака од бугарска страна, а таа испорака започнува со почитување и спроведување на пресудите од Стразбур“, изјави Манасиевски.
Од ВМРО-ДПМНЕ порачаа дека остануваат посветени на европската перспектива на државата, но потенцираат дека евроинтеграциите мора да се одвиваат достоинствено и без, како што велат, уцени, нови условувања и отстапки кои би биле на штета на државните интереси.
МОЖЕБИ ЌЕ ВЕ ИНТЕРЕСИРА:












