Тензиите на Блискиот Исток дополнително ескалираа откако САД и Иран во текот на ноќта извршија нови меѓусебни напади во регионот на Персискиот Залив, доведувајќи го во прашање кревкиот прекин на огнот и напорите за политичко решение на конфликтот.
Според соопштението на американската Централна команда, американските сили извеле напади врз ирански системи за противвоздушна одбрана, командни центри и радарски позиции во близина на Ормускиот Теснец. Од Вашингтон наведуваат дека акцијата била одговор на соборувањето на американски воен хеликоптер во близина на брегот на Оман.
По американските напади, според иранските медиуми, Техеран возвратил со напади врз американски воени бази во регионот на Персискиот Залив и во Јордан, при што биле употребени и балистички ракети. Во Кувајт била активирана противвоздушната одбрана, додека во Бахреин се огласиле сирени за тревога.
Американската војска соопшти дека нападите претставуваат „пропорционален одговор“ и дека американските сили остануваат подготвени да се спротивстават на, како што наведуваат, иранска агресија. Американскиот претседател Доналд Трамп претходно го обвини Иран за соборувањето на хеликоптерот и најави одмазднички мерки.
Според американски медиуми, нападите биле изведени во три бранови и погодиле околу дваесет цели на иранска територија. Ирански медиуми објавија информации за експлозии во Сирик, на островот Кешм и во околината на градот Бандар Абас.
Иранската агенција „Тасним“ објави дека во нападите биле погодени и два резервоари за вода во Сирик, што предизвикало проблеми во снабдувањето со вода за пиење на локалното население.
Иранскиот министер за надворешни работи, Абас Арагчи, предупреди дека секој напад врз земјата ќе добие соодветен одговор. Тој порача дека иранските вооружени сили нема да остават ниту една закана без реакција.
Набргу потоа, според иранските медиуми, Исламската револуционерна гарда извршила напад со беспилотни летала врз седиштето на Петтата флота на американската морнарица во Бахреин. Напад била пријавен и врз американска база во Јордан.
Телевизијата „Ал Џезира“, повикувајќи се на јорданската армија, објави дека биле пресретнати пет ирански проектили. Сепак, дел од информациите за нападите и нивните последици сè уште не се независно потврдени.
МОЖЕБИ ЌЕ ВЕ ИНТЕРЕСИРА:












