Изградбата на автопатот Скопје – Блаце треба да започне во текот на летото, откако е завршена постапката за избор на изведувач на проектот, соопшти вицепремиерот и министер за транспорт Александар Николоски.
Според информациите што Министерството ги добило од Европската банка за обнова и развој, за реализација на проектот е избран конзорциум предводен од домашната градежна компанија „Гранит“.
Николоски оцени дека изборот на македонска компанија за изградба на еден од најголемите инфраструктурни проекти во државата претставува значаен поттик за домашниот градежен сектор и доказ дека земјата има капацитет да реализира сложени инфраструктурни зафати.
Тој посочи дека станува збор за исклучително комплексен проект кој опфаќа изградба на пет тунели, две галерии, 12 мостови и вкупно околу 40 инфраструктурни објекти.
Според најавите, автопатот треба да биде завршен во рок од три и пол години, со што ќе се обезбеди современо автопатско поврзување меѓу Македонија, Косово и понатаму кон Црна Гора.
Николоски истакна дека Коридорот 6 има големо стратешко значење за државата, бидејќи го подобрува регионалното поврзување и отвора нови можности за стопанството и бизнис-заедницата, особено преку пристаништето Бар.
Тој упати благодарност до Европската банка за обнова и развој за поддршката на проектот, како и до Владата и Министерството за финансии за обезбедувањето на потребната финансиска конструкција.
Автопатот Скопје – Блаце е еден од клучните инфраструктурни проекти на Коридорот 6 и се очекува значително да го унапреди патното поврзување меѓу Македонија и Косово.
МОЖЕБИ ЌЕ ВЕ ИНТЕРЕСИРА:












