САД и Иран се блиску до постигнување договор за ставање крај на конфликтот, а според извори запознаени со преговорите, документот би можел да биде потпишан веќе во недела во Женева.
Висок претставник на американската администрација изјавил дека двете страни веќе се согласиле околу текстот на почетниот договор и дека Вашингтон очекува негово формализирање во наредните денови.
Иранскиот министер за надворешни работи Абас Аракчи оцени дека прелиминарниот договор покажува оти Иран излегол посилен од конфликтот, додавајќи дека неговата земја се смета за победник во судирот со САД.
Во меѓувреме, американските сили собориле неколку ирански беспилотни летала кои се движеле кон Ормускиот Теснец. Според американската страна, леталата претставувале закана за комерцијалниот поморски сообраќај, а Централната команда на САД потврди дека пловниот пат останува отворен.
Нацрт-договорот, според повеќе извори, предвидува повторно отворање на Ормускиот Теснец и постепено олеснување на дел од американските санкции кон Иран. За возврат, двете страни треба да започнат нов циклус разговори за иранската нуклеарна програма.
Според дел од информациите, Вашингтон би можел да ослободи дел од замрзнатите ирански средства и да дозволи олеснување на извозот на нафта, додека прашањето за нуклеарната програма би се решавало во рамки на преговори во следните 60 дена.
Израел, пак, нема да биде потписник на меморандумот. Израелскиот премиер Бенјамин Нетанјаху изјавил дека неговата земја не е дел од договорот, додека израелски претставници нагласиле дека ќе ја задржат слободата на дејствување против заканите по националната безбедност.
Доколку биде потпишан, договорот би можел да претставува значаен чекор кон намалување на тензиите на Блискиот Исток и повторно отворање на дипломатскиот дијалог меѓу Вашингтон и Техеран.
МОЖЕБИ ЌЕ ВЕ ИНТЕРЕСИРА:












