САД и Иран соопштија дека постигнале договор за прекин на непријателствата меѓу двете земји, кој треба официјално да стапи на сила во петок по церемонија на потпишување во Швајцарија.
Иако целосниот текст на договорот сè уште не е јавно објавен, и Вашингтон и Техеран потврдија дека преговорите се успешно завршени.
Американскиот претседател Доналд Трамп преку социјалната мрежа „Трут Соушал“ објави дека договорот со Исламската Република Иран е финализиран.
„Договорот со Исламската Република Иран сега е завршен. Честитки до сите!“, напиша Трамп.
Тој исто така соопшти дека САД ќе ја укинат поморската блокада на иранските пристаништа и дека Ормутскиот теснец повторно ќе биде отворен по официјалното потпишување на договорот.
„Бродови од светот, запалете ги вашите мотори. Пуштете ја нафтата да тече!“, порача американскиот претседател.
Од Белата куќа договорот го оценија како историски успех на американската дипломатија, нагласувајќи дека со него се отвора ново поглавје во односите меѓу двете земји по децении тензии и непријателство.
Потврда за постигнатиот договор пристигна и од Техеран. Заменик-министерот за надворешни работи на Иран, Казем Гарибабади, во телефонско интервју за државната телевизија изјави дека договорот е финализиран и дека официјалната церемонија на потпишување ќе се одржи во петок во Швајцарија.
МОЖЕБИ ЌЕ ВЕ ИНТЕРЕСИРА:












