Македонскиот тенисер Калин Ивановски триумфираше на годинашното издание на турнирот „Македонијан Опен“, откако во финалето во Скопје го совлада Украинецот Владислав Орлов со 2-1 во сетови (6-1, 0-6, 6-2).
Ивановски одлично го отвори мечот и со убедлива игра го доби првиот сет со 6-1, правејќи два брејка и завршувајќи го сетот со ас-сервис.
Во вториот сет следуваше целосен пресврт. Орлов ја презеде контролата и со убедливи 6-0 го израмни резултатот, оставајќи го победникот да се решава во третиот сет.
Во решавачкиот дел Ивановски покажа карактер. Клучниот момент беше во вториот гем на негов сервис, кога по долга борба и три спасени брејк-топки успеа да израмни на 1-1. Потоа направи брејк, ја зголеми предноста на 5-2 и сигурно го приведе мечот до крај за голем триумф пред домашната публика.
Со оваа победа, Ивановски ја продолжи одличната серија резултати по враќањето од повредата, која ја заработи на крајот од 2023 година. Во последниот период има 13 победи и само еден пораз, две финалиња на турнири од серијата М25 и четири победи за македонската Дејвис куп репрезентација.
За Ивановски ова беше 11. финале во кариерата и шеста освоена титула, воедно и прва по триумфот во јули 2023 година во Крамсах, Австрија.
Со освојувањето на турнирот во Скопје, македонскиот тенисер освои 25 АТП поени и парична награда од 4.065 американски долари.
МОЖЕБИ ЌЕ ВЕ ИНТЕРЕСИРА:












