Европскиот парламент усвои реформа со која значително се зајакнуваат правата на патниците во воздушниот сообраќај. Новите правила носат поголема транспарентност при купување авионски билети, поедноставна постапка за добивање обесштетување и бесплатно седење на родителите покрај своите деца.
Според новата регулатива, авиокомпаниите повеќе нема да смеат да наплатуваат дополнителен надомест за членовите на едно семејство да седат заедно. При резервирањето на билетите, тие ќе бидат обврзани јасно да ги прикажуваат сите дополнителни трошоци, вклучително и за багаж и избор на седиште.
Патниците и понатаму ќе имаат право на компензација доколку летот доцни три или повеќе часа по вина на авиокомпанијата. Висината на обесштетувањето останува од 250 до 600 евра, во зависност од должината на летот, а истите правила ќе важат и за одредени случаи на откажани летови.
Дополнително, авиокомпаниите ќе мора да ги информираат патниците за постапката за барање обесштетување и да одговорат на секое поднесено барање во рок од 30 дена.
Новите правила ќе важат за сите авиокомпании од Европската Унија, како и за странските превозници што полетуваат од аеродроми во ЕУ. По конечната потврда од земјите членки, компаниите ќе имаат рок од една година да ги применат измените.
МОЖЕБИ ЌЕ ВЕ ИНТЕРЕСИРА:












