СДСМ реагира на изјавите на премиерот Христијан Мицкоски за најниската инфлација во регионот, оценувајќи дека граѓаните не живеат од статистички податоци, туку од реалните трошоци и можноста да ги задоволат секојдневните потреби.
Од опозициската партија велат дека иако инфлацијата е намалена, потрошувачката кошница и понатаму останува тешко достапна за голем број граѓани, а цените на основните производи се високи.
Според СДСМ, актуелното ниво на инфлација е над она што, како што наведуваат, било ветувано во владината програма и во буџетот за 2026 година. Партијата посочува дека платите во земјава остануваат меѓу најниските во Европа, а минималната плата е под нивото на соседните држави.
Во соопштението се наведува и дека странските инвестиции се намалиле за повеќе од 60 проценти во однос на периодот пред доаѓањето на оваа Влада, што според СДСМ е показател за економска стагнација и намалена доверба кај инвеститорите.
Од партијата оценуваат дека Владата се обидува да прикаже економски успеси преку статистички показатели, додека граѓаните, како што велат, се соочуваат со зголемени животни трошоци, ниски примања и неизвесност.
„Граѓаните не живеат од инфлацијата како бројка, туку од тоа што можат да си го дозволат со своите плати“, наведува СДСМ, додавајќи дека економската состојба, според нив, не се подобрува со политички пораки, туку со реални резултати што ќе го почувствуваат граѓаните.
МОЖЕБИ ЌЕ ВЕ ИНТЕРЕСИРА:












