Европската Унија на 1 јануари 2026 година имала вкупно 452 милиони жители, што претставува зголемување од 706.000 лица во споредба со претходната година, покажуваат најновите податоци на Евростат.
Ова е петта последователна година во која населението во ЕУ бележи раст, по единствениот пад регистриран во 2021 година за време на пандемијата на Ковид-19.
Според статистиката, природниот прираст во Унијата и натаму е негативен, односно бројот на починати е поголем од бројот на новородени уште од 2012 година. Сепак, овој тренд се компензира со позитивната нето-миграција, која останува главниот двигател на растот на населението.
Во споредба со 2016 година, ЕУ денес има осум милиони повеќе жители, додека во однос на 2006 година бројот на жители е зголемен за 16 милиони.
Подолгорочните податоци покажуваат дека од 1960 година досега населението во Европската Унија пораснало за 97,5 милиони луѓе – од 354,5 милиони на сегашните 452 милиони. Во исто време, темпото на раст значително се забавило. Додека во шеесеттите години населението во просек растело за околу три милиони жители годишно, по 2010 година просечниот годишен раст изнесува околу 600.000 жители.
Германија останува најнаселената членка на Европската Унија со 83,5 милиони жители, додека Малта е најмалата со околу 600.000 жители.
Петте најнаселени земји – Германија, Франција, Италија, Шпанија и Полска – сочинуваат речиси две третини од вкупното население на ЕУ.
Во периодот меѓу 1 јануари 2025 и 1 јануари 2026 година, бројот на жители се зголемил во 16 земји-членки. Највисока стапка на раст забележала Малта, пред Кипар и Луксембург, додека најголемо намалување на населението е регистрирано во Летонија, Естонија и Унгарија.
МОЖЕБИ ЌЕ ВЕ ИНТЕРЕСИРА:












