Македонско-германската соработка во рамките на НАТО претставува важен придонес за зајакнување на регионалната стабилност и безбедност, а Армијата на Република Северна Македонија е оценета како кредибилен и доверлив сојузник на Алијансата.
Ова било истакнато на денешната средба во Скопје меѓу претседателката Гордана Сиљановска-Давкова и началникот на германските вооружени сили, генерал Карстен Бројер.
Од Кабинетот на претседателката информираа дека Сиљановска-Давкова ја оценила посетата на германскиот генерал како уште една потврда за посветеноста на НАТО кон стабилноста во регионот. Таа нагласила дека партнерството со Германија овозможува развој на модерен, отпорен и интероперабилен одбранбен систем.
Генералот Бројер посочил дека неговата дводневна посета на земјава е можност за разговори со припадниците на Армијата, но и за средби со највисоките државни претставници со цел дополнително зајакнување на сојузништвото во рамките на НАТО и унапредување на билатералните односи.
Тој ја оценил македонската Армија како кредибилен сојузник, нагласувајќи дека припадниците на македонските вооружени сили рамноправно со војниците од останатите членки на Алијансата учествуваат во заеднички мисии, вежби и активности.
На средбата било разговарано и за можностите за продлабочување на соработката надвор од одбраната, особено во економијата, образованието и културата.
Претседателката Сиљановска-Давкова ја истакнала и важната улога на македонската дијаспора во Германија како мост за дополнително зајакнување на врските меѓу двете земји. Таа ја поздравила и континуираната германска поддршка за реформските процеси и инфраструктурниот развој на Северна Македонија.
МОЖЕБИ ЌЕ ВЕ ИНТЕРЕСИРА:












