Министерството за внатрешни работи информира дека полициските службеници се постојано на терен и постапуваат по сите пријави поврзани со последиците од силното невреме, во координација со останатите надлежни институции. Во тек се активности за обезбедување на јавната безбедност, расчистување на штетите и нормализирање на сообраќајот и јавните функции.
Најголеми последици се регистрирани на подрачјето на СВР Скопје. До 22 часот вчера биле евидентирани 117 оштетени патнички возила, 35 оштетени кровови, 189 паднати дрвја, седум оштетени семафори, пет пожари и 10 повредени лица.
Невремето предизвикало штети и на повеќе државни институции и објекти од витално значење. Оштетувања се регистрирани на објектите на Основното јавно обвинителство за гонење организиран криминал и корупција, комплексот „Вили Водно“, Аеродромската полициска база Петровец, зградата на „Нова Македонија“, како и на објектите на Министерството за финансии, Министерството за земјоделство и Јавното обвинителство.
Во Куманово биле пријавени девет оштетени возила и три оштетени кровови, додека на подрачјето на СВР Тетово се евидентирани пет случаи – три оштетени возила и две оштетени кровни конструкции. Во Гостивар не се пријавени штети ниту повредени лица.
На подрачјето на СВР Велес се регистрирани две оштетени возила поради паднати дрвја, а во Штип се пријавени 14 оштетени автомобили и шест оштетени кровови.
Во Струмица силниот ветер соборил електрични столбови во селата Доброшинци и Градошорци, поради што дошло и до прекин во снабдувањето со електрична енергија во селото Свидовица.
Во Битолскиот регион не се регистрирани поголеми последици, освен краткотраен силен ветер на подрачјето на Македонски Брод, без материјални штети.
Во рамките на Регионалниот центар за гранични работи Север, најсериозни последици имало на Меѓународниот аеродром Скопје, каде поради протекување на кровната конструкција бил прекинат излезниот сообраќај од државата во времетраење од околу час и половина.
Во Транзитниот центар Табановце биле оштетени дел од привремените објекти за сместување на мигранти, а биле регистрирани и паднати дрвја, но без поголема материјална штета.
Од Министерството за внатрешни работи соопштија дека полициските екипи остануваат на терен и продолжуваат со расчистување на последиците и обезбедување на безбедноста на граѓаните.
МОЖЕБИ ЌЕ ВЕ ИНТЕРЕСИРА:












