Голем сообраќаен метеж го одбележа неделното попладне низ Хрватска, а најкритична е состојбата на автопатот А1 и на граничниот премин Карасовиќи кон Црна Гора.
Поради безбедносни причини, привремено е запрен сообраќајот низ тунелот „Свети Рок“ во правец кон Дубровник. Според Хрватскиот авто-клуб (ХАК), пред тунелот се формирала колона долга околу два километри, додека дополнителни застои создаваат и две сообраќајни несреќи на делницата меѓу клучките Огулин и Босиљево 2 во правец кон Загреб.
Колони се создадени и пред наплатните рампи Лучко и Демерје кон Загреб, како и на Јадранската магистрала, пристапите кон туристичките центри, траектните пристаништа и граничните премини.
Најтешка е состојбата во Конавле, каде што километарски колони речиси целосно го блокираа регионот. За излез од Хрватска кон Црна Гора преку граничниот премин Карасовиќи се чека и до 10 часа, поради што градоначалникот Божо Ласиќ го активираше Кризниот штаб.
„Конавле се практично парализирани. Локалните патишта се целосно блокирани, луѓето не можат да стигнат до работа. Ако избие пожар или друга итна ситуација, последиците би биле сериозни“, изјави Ласиќ.
Според неофицијални информации, главна причина за огромните гужви е забавената контрола на црногорскиот граничен премин Дебели Бријег, поради што колоните се протегаат до хрватскиот премин Карасовиќи и околните локални патишта. Хрватската полиција соопшти дека е во постојана комуникација со црногорските власти за да се забрза протокот на возила.
Иако првиот викенд од август традиционално носи зголемен туристички сообраќај, надлежните оценуваат дека денешните гужви се значително поголеми од вообичаените. Во текот на ноќта службите на цивилната заштита делеа вода на возачите заглавени во колоните, а Итната медицинска помош интервенирала во неколку случаи.
МОЖЕБИ ЌЕ ВЕ ИНТЕРЕСИРА:












