По историчарите, и географите преку онлајн петиција бараат географијата да остане како посебен предмет во шесто одделение, а не да се комбинира со други, како што е предвидено со новата Концепција во основното образование.
Во иницијативата која ја доставиле до МОН, Бирото за развој на образованието и до претседателот на државата, реагираат дека географијата е поделена како предмет и речиси и да ја нема во наставните програми. Ваквиот концепт, според здруженијата ќе доведе до штетни последици, како за учениците, така и за наставниците. Загрижени се дека поради кратењето на бројот на часови по географија, на наставниците им се доведени во прашање работните места.
-Целата поента на министерството е дека тие сакаат да ја поделат географијата на природен или општествен дел. Но тоа е невозможно да се подели. Бидејќи кога говориме за просторот, географијата изучува одреден простор со сите негови специфики. Бараме географијата да го задржи статусот на предмет. Особено барем во 7, 8 и 9-то одделение, значи концепцијата да застане тука. А во шесто одделение има многу работи коишто воопшто не се сериозни. Пример, географијата е исфрлена од природни науки со една тема само за вселена. Според наши калкулации, еден час, само ако се изгуби од наставата, тоа значи дека околу 62 работни места по година, ќе фалат. Ако ги помножиме по четири години каде што ќе продолжи концепцијата, тогаш станува збор за 250 наставници за кои не знаеме како ќе им продолжи работниот однос, изјави проф. Мите Ристов, за Канал 5.
По бурните реакции во јавноста, советници од Бирото за развој на образованието од денеска се на терен во повеќе училишта за да ги слушнат забелешките и проблемите на наставниците од новата концепција, изјави за Канал 5, директорот на Бирото, Зекирија Хасипи. Вели дека се отворени за соработка со сите здруженија и остава простор за можна корекција на концепцијата доколку се утврди потреба од тоа. Уверува дека со интегрирањето на предметите ниту еден наставник нема да го изгуби работното место.
-БРО конкретно заради овие барања и реакции, денес нашите советници, се на терен, во училиштата за да се решат сите дилеми што ги имаат околу новата концепција. Наставниците нема да губат работни места, ние сме тука за нив, БРО има советодавна улога за поддршка на наставниците така што во никој случај со концепцијата нема наставниците да останат без работа, само пристапот е друг. Истите наставници ќе предаваат. Ние сме отворени, и со здруженијата, ќе одговориме на нивните барања, отворени сме за разговори, ќе седнеме заеднички да го донесеме најдоброто решение за нашите ученици. -Зекирија Хасипи – директор на БРО.
Претходно и од здружението на историчари во отворено писмо побараа историјата да остане посебен предмет во шесто оделение, а МОН да стави мораториум на Концепцијата за основно образование. Владата да престане да ги третира учениците како експериментални глувци и да го врати предметот Историја, побара и Демократскиот сојуз и го повикува Министерството за образование да ги прекине активностите за менување на наставната програма.
МОЖЕБИ ЌЕ ВЕ ИНТЕРЕСИРА:












