„Уште се тресам, не можам да се смирам. Вандалите тоа го направиле среде бел ден, вчера, на празник. Јас отидов кај бистата околу 20 часот и сѐ беше исчкртанo. Соседите, кои живеат веднаш до паркот, велат дека утрото бистата била чиста. Веднаш пријавив во полиција. Дојдоа, направија увид, направија записник и си заминаа. Вакви оштетувања првпат прават. Досега ги кршеа клупите и опремата околу, но никогаш не ја оштетија бистата“, вели сопругата на загинатиот полицаец.
Во паркот и порано имало оштетувања, но вандалите првпат посегнале по бистата
Бистата на загинатиот полицаец Стојменовиќ вчера беше исчкртана со син спреј, а пречкртани се и иконите околу неа. Сопругата на Стојменовиќ вели дека не се сомнева во некој, посебно.
„Тука доаѓаат и многу луѓе од страна, не само локалното население. Порано, додека работеа камерите во паркот, вакви работи не се случуваа. Се појавил некаков проблем и камерите беа исклучени, одамна не снимаат. До ова немаше да дојде ако работеа камерите. Јас сега ќе настојувам тие пак да проработат, ако не, спремна сум да платам и обезбедување за да не доживееме нешто слично оти за нас е многу болно“, низ солзи вели сопругата Стојменовиќ.
Градоначалникот на Гази Баба, доцна синоќа, преку „Фејсбук“ најави дека оштетувањата ќе бидат поправени
Таа се уште жали и за златото на сопругот кое им го украле крадци кои пред извесно време им упаднале дома. Имало кражби и во други куќи во околината, но во нивната улица, нивната куќа била единствената која ја обиле.
„Ни ги одзедоа спомените. Пријавив и тогаш во полиција, уште нема трага од крадците иако помина многу време“, вели Стојменовиќ.
Вандалите, вчера, преку ден со син спреј го оштетиле споменикот и иконите во паркот во Инџиково
Доцна синоќа градоначалникот на Општина Гази Баба, Бобан Стефковски во објава на социјалната мрежа „Фејсбук“ најостро го осуди вандализмот и им порача на граѓаните да бидат спокојни, оти и споменикот и иконите ќе бидат обновени, ќе продолжи традицијата на оддавање почит на херојот Горан Стојменовиќ и чествувањето на Соборот на 12 Апостоли во Инџиково.
Горан Стојменовиќ загина во антитерористичката акција во кумановско Диво Насеље во мај 2015 година во која животот го загубија и Љубиша Аранѓеловиќ, Бобан Ивановиќ, Горан Илијевски, Жарко Кузмановски, Исамедин Османи, Сашо Самојловски и Ненад Серафимовски.
Сите посмртно беа одликувани од претседателот на државата со медали за храброст.













