Безбедносно-информативната агенција на Србија (БИА) соопшти дека официјално го советувала српскиот претседател Александар Вучиќ да не патува во Црна Гора поради, како што наведува, висок безбедносен ризик.
Во соопштението се наведува дека проценката е донесена врз основа на оперативни информации за непријателски активности на странски разузнавачки служби и криминални структури кои, според БИА, дејствуваат на територијата на Црна Гора.
Српската агенција тврди дека водачот на кавачкиот клан, Радоје Звицер, се наоѓа во Црна Гора и изрази незадоволство што од безбедносните служби на земјата домаќин не била доставена официјална безбедносна проценка за настанот, и покрај повеќекратните барања.
И покрај предупредувањето, претседателката на Собранието на Србија, Ана Брнабиќ, изјави дека Вучиќ останува цврсто решен да отпатува во Тиват и да учествува на Самитот ЕУ – Западен Балкан.
Според неа, српскиот претседател нема намера да го откаже патувањето и сака да го исполни претходно даденото ветување за присуство на собирот, кој се смета за еден од најзначајните политички настани во регионот.
Дополнителни тензии се појавија откако на 87 лица кои пристигнале од Белград со чартер-лет не им бил дозволен влез во Црна Гора. Според официјалното образложение, тие биле оценети како безбедносен ризик, додека дел од медиумите во регионот објавија дека станува збор за лица кои биле дел од неформалното обезбедување на српскиот претседател.
Сите патници од летот биле вратени назад во Србија.
Во меѓувреме, Министерството за надворешни работи на Црна Гора порача дека државата ќе обезбеди највисоко ниво на безбедност за сите учесници на самитот и дека е подготвена да ги пречека лидерите и делегациите од регионот и Европа.
Од Подгорица потенцираат дека како членка на НАТО, Црна Гора гарантира сигурен и безбеден престој за сите гости кои ќе присуствуваат на меѓународниот собир во Тиват.
Случајот дополнително го привлекува вниманието поради споменувањето на Радоје Звицер, кој се смета за еден од водачите на кавачкиот клан и се наоѓа на листата на најбарани европски бегалци. Неговата локација официјално не е потврдена уште од 2020 година, кога беше тешко ранет во Украина.
Во исто време, медиуми во Србија и Црна Гора објавија информации дека на одредени гранични премини бил ограничен влезот на црногорски државјани во Србија, но за овие наводи засега нема официјална потврда од надлежните институции.
МОЖЕБИ ЌЕ ВЕ ИНТЕРЕСИРА:












