Директорот на Бирото за јавна безбедност, Александар Јанев, денеска во седиштето на Единицата за брзо распоредување во Скопје оддаде почит на загинатите припадници на ЕБР, кои своите животи ги положија во служба на државата, безбедноста и граѓаните на Македонија.
Во присуство на членовите на нивните семејства, колеги, претставници на синдикатите, специјалните полициски единици, како и гости од јавниот и политичкиот живот, беше положено цвеќе и оддадена почит пред споменикот подигнат во чест на загинатите припадници на единицата.
На настанот присуствуваа и градоначалникот на Општина Ѓорче Петров, како и пратеникот Бојан Стојановски, кои заедно со присутните ја истакнаа важноста од зачувување на споменот за полициските службеници кои ја дале најголемата жртва во извршување на службената должност.
Директорот Јанев во своето обраќање порача дека имињата и делата на загинатите припадници никогаш нема да бидат заборавени и дека тие остануваат траен симбол на чест, храброст и пожртвуваност.
„Нивните имиња и нивните дела никогаш нема да бидат избришани од нашата полициска и институционална меморија. Тие остануваат траен симбол на храброст, чест и пожртвуваност. Нивниот живот положен за татковината е аманет за сите нас чесно, одговорно и посветено да ја чуваме безбедноста на граѓаните и интегритетот на државата“, истакна Јанев.
Тој нагласи дека најголемата болка останува кај семејствата на загинатите, но порача дека тие никогаш нема да бидат оставени сами.
„Полицијата и раководството секогаш ќе бидат покрај нив, затоа што тие се дел од нашето големо полициско семејство“, рече директорот на БЈБ.
Во рамки на настанот беше отворен и меморијален турнир посветен на загинатите припадници на Единицата за брзо распоредување, на кој учествуваат 14 екипи од различни организациски единици на полицијата.
Јанев порача дека преку спортот, заедништвото и фер-плејот се продолжува традицијата на почитување и негување на споменот на луѓето кои, како што рече, не дозволиле стравот да биде посилен од должноста.
„Некои дадоа многу. Тие дадоа сè. Полициската професија не е само работа, таа е заклетва. Заклетва дека ќе бидеме тивки чувари на мирот, спокојот и безбедноста на граѓаните и државата. Затоа сме обучувани, затоа ја носиме униформата и затоа сме подготвени да служиме чесно и достоинствено, дури и по цена на сопствениот живот“, порача директорот на БЈБ.
МОЖЕБИ ЌЕ ВЕ ИНТЕРЕСИРА:












