Организаторите на протестите во Тирана објавија список со барања до албанската влада, меѓу кои се безусловна оставка на премиерот Еди Рама, формирање преодна техничка влада и спроведување сеопфатни уставни реформи.
Тие порачаа дека протестите ќе продолжат мирно сè додека не бидат исполнети нивните барања. Во соопштението, прочитано во име на организаторите, се наведува дека по оставката на актуелната влада треба да биде формирана непартиска преодна влада со мандат од 12 месеци.
Меѓу предложените уставни измени се ограничување на функцијата премиер на најмногу два мандата и воведување механизми што, според организаторите, ќе обезбедат еднаквост на сите граѓани пред законот, а кои би биле потврдени на референдум.
Демонстрантите бараат и поништување на неколку законски решенија, меѓу кои измените на законот за заштитени подрачја и законот за културно наследство. Воедно, предлагаат изработка на нов општествен договор меѓу државата и граѓаните, кој би бил подготвен по широка јавна и експертска дебата.
Според организаторите, протестите претставуваат дел од пошироко граѓанско движење кое се залага за политички и институционални промени во Албанија. Дел од учесниците ја истакнаа и тешката економска состојба, ниските плати и високите животни трошоци, обвинувајќи ја власта за политики што, според нив, придонесуваат за иселување на населението.
Албанија веќе неколку недели е зафатена од протестите наречени „Револуција на Фламинго“, кои започнаа поради контроверзниот проект за изградба на луксузен туристички комплекс поврзан со Џаред Кушнер, зетот на американскиот претседател Доналд Трамп.
Покрај прекин на проектот, демонстрантите бараат укинување на законот за стратешки инвестиции, измени во прописите за заштитени подрачја и оставка на премиерот Еди Рама. Во меѓувреме, собири на поддршка се организираат и во албанската дијаспора во САД, Велика Британија, Канада, Франција, Германија, Италија, Шведска и Австралија.
МОЖЕБИ ЌЕ ВЕ ИНТЕРЕСИРА:











