Полицијата ги идентификуваше тројцата осомничени кои учествувале во бруталниот напад во Гостивар, снимен на видео што предизвика бурни реакции во јавноста. На снимката се гледа како едно момче паѓа на земја по удар со клоца во главата, а потоа напаѓачите продолжуваат да го удираат со дрвена прачка, која при нападот се крши.
Според Министерството за внатрешни работи, осомничени се двајца малолетници од Гостивар и 20-годишник од Скопје.
По наредба на јавен обвинител, двајцата малолетници биле повикани на службен разговор во полициска станица, при што им биле одземени патните исправи. За третиот осомничен, В.Д. (20) од Скопје, испратена е телеграма до СВР Скопје за понатамошно постапување.
Од МВР информираат дека по целосното документирање на случајот, во текот на утрешниот ден, тројцата осомничени ќе бидат изведени пред судија на претходна постапка по брза постапка.
Нападот бил пријавен во саботата, а се случил ноќта меѓу петокот и саботата, околу 2:30 часот, на улицата „Борче Јованоски“ во Гостивар. Настанот го пријавил 22-годишен жител на Гостивар, кој изјавил дека заедно со свој пријател бил нападнат од три лица кои користеле тврди и дрвени предмети.
Од МВР додаваат дека случајот веднаш бил пријавен кај дежурен јавен обвинител, а по преземените мерки и активности, во координација со обвинителството, биле идентификувани сите учесници во насилниот инцидент.
МОЖЕБИ ЌЕ ВЕ ИНТЕРЕСИРА:












