Претставници од општините Куманово и Ќустендил денеска учествуваа на втората работилница во рамките на прекуграничниот проект „Урбано зазеленување за здраво дишење“. Проектот е финансиран преку ИПА програмата за соработка меѓу двете држави, а партнери се општините и Центарот за развој на Североисточниот плански регион.
Директорот на Центарот, Младен Протиќ, изјави дека проектот опфаќа зелена инфраструктура и урбано раззеленување како дел од европската ИПА 3 програма. Според него, Центарот ќе спроведе активности како мапирање на потребите за ново зеленило во двата града, подготовка на стратегија и акциски план.
Целта е развој на одржлива зелена инфраструктура во ќустендилско–кумановскиот регион, со што ќе се подобри квалитетот на животната средина и ќе се зајакне отпорноста на урбаните заедници. Проектните партнери очекуваат дека со современи технолошки решенија, рационална употреба на ресурси и поголема вклученост на јавноста ќе се постигне поефикасно управување со зеленилото.
Заменик-градоначалникот на Ќустендил, Николај Дочев, истакна дека двата града заеднички ќе работат на проекти со кои урбаните средини треба да станат „позелени“ и попријатни за живеење.
Инженерот за животна средина, Методија Саздов, објасни дека зелената урбана инфраструктура не се однесува само на паркови и зелени површини, туку и на системи што штитат од последиците на климатските промени – како прифаќање на обилни дождови, спречување поплави, ерозија и свлечишта. Тој потсети дека во поранешна Југославија системски се вложувало во пошумување, а денешните генерации ги уживаат придобивките од тие политики.
Во рамките на проектот ќе се уредуваат нови зелени површини во Куманово и во Ќустендил во Република Бугарија. Планирано е општините активно да вложуваат во вакви решенија за да ја зголемат отпорноста на заедниците и да го подобрат урбаниот пејзаж.
Освен уредувањето на ново зеленило, проектот предвидува и изработка на регионална стратегија за зелена инфраструктура, акциски планови, кампањи за подигнување на јавната свест и градење локални капацитети.
МОЖЕБИ ЌЕ ВЕ ИНТЕРЕСИРА:












