Организирањето на популарните наградни игри на социјалните мрежи, познати како giveaway, наскоро може значително да се намали, откако стапуваат во сила нови правила кои воведуваат низа обврски за организаторите.
Со новиот Закон за игри на среќа и за забавни игри, кој почнува да се применува од 14 јули, за секое организирање giveaway ќе биде потребна претходно добиена дозвола од Министерството за финансии, а организаторите ќе треба да плаќаат и посебен надоместок.
Токму овие услови, според дел од познавачите на оваа област, може да значат дека голем број компании, мали бизниси и корисници на социјалните мрежи ќе се откажат од вакви активности, бидејќи постапката ќе биде посложена и поскапа од досега.
Според новите правила, барањето за дозвола ќе треба да се поднесе најдоцна 30 дена пред почетокот на играта, а организаторот ќе мора да достави документација за наградите, регистрацијата, финансиската состојба и доказ за платен надоместок.
Дополнително, за самото организирање на giveaway ќе се плаќа надоместок во висина од 18 проценти од вкупната вредност на наградниот фонд. Уплатата ќе мора да биде извршена пред започнување на играта, во спротивно дозволата ќе биде одземена.
Новина е и обврската правилата на наградната игра однапред јавно да бидат објавени, а по завршувањето задолжително да се објават и добитниците. Организаторите ќе треба да ги наведат сите детали – условите за учество, начинот на избор на победници, вредноста на наградите и роковите за нивно преземање.
Со законските измени првпат се воведува и официјална дефиниција за giveaway. Како игра на среќа ќе се сметаат активности каде учесниците добиваат можност за награда преку дејствија како лајкување, споделување содржини или означување други лица, кога тие се услов за учество.
Иако од Министерството за финансии велат дека целта е да се воспостават јасни правила, поголема транспарентност и заштита на учесниците, новите административни обврски може да направат giveaway активностите да станат недостапни за голем дел од досегашните организатори.
Особено погодени би можеле да бидат малите компании и индивидуалните корисници кои досега преку наградни игри промовираа производи и услуги без поголеми трошоци и процедури.
МОЖЕБИ ЌЕ ВЕ ИНТЕРЕСИРА:












