Најмалку 12 лица загинаа, а шест се повредени во голем шумски пожар што го зафати подрачјето кај Лос Гаљардос во шпанската покраина Алмерија, соопштија властите во Андалузија. Пожарот избувна во период кога јужна Европа е погодена од силен топлотен бран со екстремно високи температури.
Дел од жртвите биле пронајдени во возила кои биле зафатени од огнената стихија. Според сведочењата на локалните жители, можно е пожарот да започнал по уривање на далновод, по што пламените јазици брзо се прошириле кон шумските предели, но надлежните сè уште не ја потврдиле официјалната причина за избувнувањето.
Во гаснењето на пожарот се вклучени околу 150 пожарникари, како и специјализирани служби и припадници на Воената единица за вонредни ситуации. Поради опасноста, евакуирани се околу 1.000 жители, а повеќе патишта се затворени за сообраќај.
Меѓу повредените има лице кое е хоспитализирано поради вдишување чад, едно лице со изгореници, како и четири лица со полесни повреди и проблеми со дишењето.
Претседателот на регионалната влада на Андалузија, Хуанма Морено, трагедијата ја оцени како „страшен удар“ и изрази сочувство до семејствата на загинатите.
Паралелно со пожарот во Шпанија, екстремните температури од околу 40 степени Целзиусови предизвикуваат нови огнени жаришта и во Франција и Португалија. Стотици пожарникари се борат со пожарите, а илјадници жители се евакуирани од загрозените подрачја.
Шпанија оваа година бележи рекордни температури, а во одредени региони се очекува термометрите да достигнат и до 42 степени. Според европската климатска служба „Коперникус“, Европа е континентот што се загрева најбрзо, што придонесува за почести топлотни бранови, подолги сушни периоди и посилни шумски пожари.
Податоците на Европскиот информативен систем за шумски пожари покажуваат дека во 2025 година во Шпанија изгореле околу 393.000 хектари шума, што е повеќе од шест пати над долгорочниот просек. Минатата година беше оценета како најтешка сезона на шумски пожари во Европската Унија од почетокот на мерењата.
МОЖЕБИ ЌЕ ВЕ ИНТЕРЕСИРА:












