Институтот за јавно здравје соопшти дека физичко-хемиските и микробиолошките анализи на водата од основното училиште „Димо Хаџи Димов“ се во рамките на референтните вредности и дека во земените мостри не се пронајдени тешки метали.
Случајот беше пријавен во средата, кога поголем број ученици од прво до петто одделение почувствувале стомачни болки, меѓу кои и синот на премиерот Христијан Мицкоски.
Од Институтот потсетуваат дека претходно, во анализираните мостри од храна и од работни површини во кујната и училиштето, биле пронајдени фекални бактерии од групата Enterobacteriaceae. Овие наоди укажуваат на сериозни проблеми со хигиената во просториите каде се подготвува и сервира храна. Дополнително, шест од седумте биолошки примероци земени од деца со симптоми се позитивни на норовирус.
Во текот на викендот, дежурните тимови на Институтот продолжуваат со анализи на новите мостри, како и на материјалите доставени претходните денови, со цел брзо и ефективно да се утврди точната причина за ширењето на стомачните тегоби.
За дополнителните примероци земени од уште девет училишта, ИЈЗ најави дека ќе извести во понеделник.
Според вчерашните информации, фекална бактерија била откриена на три чешми во училиштето – две во училници и една во кујната. Истата бактерија е пронајдена и во мусаката која ја јаделе учениците. Кај една вработена во кујната е откриен стафилококус, а кај едно од децата – норовирус, кој се пренесува преку контаминирана вода или храна и може долго да опстане на различни површини.
Другите анализирани намирници, како млекото, муслите и кроасаните, не покажале знаци на контаминација, а и примероците од водата се оценети како безбедни.
Директорката на Институтот, Марија Андоновска, изјави дека и покрај досегашните наоди, сè уште не може со апсолутна сигурност да се утврди кој е главниот причинител на симптомите кај децата.
Досега се пријавени 29 случаи на ученици со стомачни тегоби, како и една наставничка. Во Детската клиника биле примени пет деца, а вчера биле донесени уште две. Истите се во стабилна состојба.
МОЖЕБИ ЌЕ ВЕ ИНТЕРЕСИРА:












