Општина Кратово реагираше по информациите во јавноста дека на локалитетот „Камени кукли“ кај селото Куклица незаконски се наплаќа влез од посетителите, посочувајќи дека со години е спречена да управува со ова природно богатство.
Од Општината соопштија дека локалитетот, кој е прогласен за споменик на природата, подолг период е под бесправна контрола на Здружението „Извор“ од Кратово, предводено од Милош Димитровски и Стојна Димитровска Боотх.
Според нивните тврдења, здружението без законска основа управува со просторот, врши наплата на влезници од туристите и посетителите, како и присвојување на права што не му припаѓаат. Воедно, од Општината обвинуваат дека со однесувањето на одговорните лица се загрозува безбедноста на посетителите преку заплашувања, лажно претставување и несоодветен однос кон граѓаните.
Како доказ, Општина Кратово посочува на првостепена судска пресуда донесена во март годинава, со која Здружението „Извор“ е задолжено да му го предаде спорниот објект и просторот на општинската установа „Музеј на град Кратово“. Сепак, пресудата е обжалена и моментално се наоѓа на разгледување пред второстепен суд.
Од локалната самоуправа велат дека по правосилноста на пресудата очекуваат нејзино целосно спроведување со помош на извршител и поддршка од надлежните институции, вклучувајќи го и Министерството за внатрешни работи.
Во меѓувреме, Општината информира дека до различни институции биле поднесени повеќе кривични пријави, претставки и барања за постапување, меѓу кои и до Државниот пазарен инспекторат и Управата за јавни приходи. Според нив, досега не биле преземени конкретни мерки што би довеле до решавање на проблемот.
Од Општина Кратово нагласуваат дека остануваат посветени на заштитата на јавниот интерес, законското управување со природното наследство и безбедноста на посетителите, но очекуваат поголема ефикасност и ангажман од надлежните државни институции.
МОЖЕБИ ЌЕ ВЕ ИНТЕРЕСИРА:










