Македонскиот шампион Вардар со пораз ги почна квалификациите за Лигата на шампионите, откако вечерва на арената „Тодор Проески“ загуби од финскиот КуПС со 0:2 во првиот натпревар од воведното квалификациско коло.
Гостите одиграа сигурен и дисциплиниран натпревар, контролирајќи го ритамот во поголемиот дел од средбата и заслужено стекнувајќи солидна предност пред реваншот во Финска.
Вардар имаше добар почеток и во првите дваесетина минути успеа да воспостави рамнотежа на теренот. Закариќ се закани со удар кон голот, додека на спротивната страна голманот Талески спречи сигурен погодок по обидот на Енгвал.
Сепак, КуПС поведе во судиското продолжение од првото полувреме. По корнерот што го изведе Антви, Магаса остана осамен на втората статива и со прецизен удар ја испрати топката во мрежата за 0:1.
Финскиот шампион ја зголеми предноста веднаш по почетокот на второто полувреме. Амра шутираше од работ на шеснаесетникот, а топката заврши во голот за водство од 0:2.
До крајот на натпреварот Вардар не успеа да создаде посериозен притисок. КуПС мирно ја контролираше играта и не дозволи домаќините да се вратат во натпреварот. Најдобрата можност за Вардар ја имаше Николов во 74. минута, но неговиот удар заврши покрај голот.
Со овој пораз, Вардар ќе има тешка задача на реваншот во Финска, каде ќе се обиде да ја надомести негативата и да остане во трката за пласман во следната рунда од квалификациите за Лигата на шампионите.
МОЖЕБИ ЌЕ ВЕ ИНТЕРЕСИРА:












