Министерот за надворешни работи Тимчо Муцунски на состанокот на Мешовитиот парламентарен комитет ЕУ–Македонија во Стразбур порача дека државата останува посветена на меѓународните обврски, но дека македонскиот јазик, идентитетот и достоинството на народот не се и не можат да бидат предмет на преговори.
Тој предупреди дека кога идентитетските прашања стануваат услов во пристапниот процес, се создава опасен преседан и се испраќа погрешна порака до јавноста. Истакна дека е можно да се преговара за реформи, стандарди и владеење на правото, но не и за теми поврзани со националниот идентитет.
Муцунски ја критикуваше политиката на Бугарија, наведувајќи дека блокадите не ѝ штетат само на Македонија, туку и на кредибилитетот на процесот на проширување. Според него, граѓаните на двете земји сакаат подобра поврзаност, полесно преминување на границата и повеќе конкретни проекти, како инвестициите во Коридорот 8.
Тој истакна дека Македонија сака односи со Бугарија засновани на соработка и заеднички можности и дека државата ќе ги почитува меѓународните договори. Посочи и дека македонското општество останува проевропско, но дека се јавува песимизам поради непредвидливоста на процесот.
Муцунски нагласи дека Македонија е целосно усогласена со заедничката надворешна и безбедносна политика на ЕУ и активно придонесува како сојузник на НАТО, вклучително и во поддршката за Украина. Потсети дека земјава прва во регионот склучи партнерство за безбедност и одбрана со ЕУ.
Тој додаде дека се работи паралелно на Планот за раст и Реформската агенда, со фокус на економијата, младите, инвестициите и дигиталната трансформација. Според него, европските реформи мора да бидат преточени во конкретни чекори напред.
– Она што го бараме е процес на пристапување заснован на јасни принципи и без иденитетски услови – порача Муцунски, додавајќи дека Македонија очекува предвидливо и фер партнерство со ЕУ.
На состанокот се обрати и министерот за европски прашања Орхан Муртезани.
МОЖЕБИ ЌЕ ВЕ ИНТЕРЕСИРА:












