Женската фудбалска репрезентација на Македонија го заврши квалификацискиот циклус за Светското првенство со пораз, откако во Битола загуби од Азербејџан со 1:3 во директната борба за второто место во групата 3 од Лигата Ц.
Македонските репрезентативки не успеаја да го искористат домашниот терен, па на крајот мораа да му честитаат на противникот кој со оваа победа го обезбеди второто место на табелата и продолжување во квалификацискиот пат. Македонија циклусот го заврши на третата позиција со вкупно шест освоени бодови, зад Азербејџан и првопласираната Унгарија. Единствените победи ги забележа против селекцијата на Андора.
Натпреварот започна со подобра игра на гостинките, кои поведоа уште во осмата минута. Македонија брзо возврати преку Мустафа, која три минути подоцна израмни на 1:1, но до крајот на првото полувреме Азербејџан уште двапати ја затресе мрежата и создаде недостижна предност.
Во продолжението од средбата гостинската селекција ја контролираше играта и успешно го задржа резултатот до крајот, обезбедувајќи победа и второ место во групата.
Натпреварот во Битола беше одбележан и со емотивен момент, бидејќи капитенката Викторија Панчурова го одигра својот последен натпревар за репрезентацијата, со што ја заврши својата долга интернационална кариера.
МОЖЕБИ ЌЕ ВЕ ИНТЕРЕСИРА:












