Министерот за надворешни работи Тимчо Муцунски изјави дека Владата останува на ставот дека во процесот на европските интеграции мора да има јасни гаранции дека од Бугарија повеќе нема да има нови барања поврзани со историјата, идентитетот и културата на македонскиот народ.
Тој посочи дека дополнително се инсистира и на спроведување на пресудите на Европскиот суд за човекови права во Стразбур, кои се однесуваат на правата на македонското малцинство во Бугарија.
Муцунски истакна дека ова прашање ќе биде една од темите на разговор за време на посетата на претседателот на Европскиот совет, Антонио Кошта, кој денеска ја започна турнејата низ Западен Балкан, во пресрет на регионалниот самит во Тиват.
Во однос на евентуални нон-пејпери и конкретни предлози, тој нагласи дека во моментов се водат разговори за идеи кои би довеле до, како што рече, достоинствено решение, без нивно јавно објавување за да не се намали нивниот ефект.
„Ние сме свесни дека мора да има достоинствено решение. Разликата е што ние го ставаме достоинството пред решението“, изјави Муцунски.
Тој додаде дека Македонија очекува јасни институционални гаранции дека ова прашање ќе биде последната билатерална пречка во евроинтегративниот процес, како и дека Бугарија ќе ги почитува пресудите од Стразбур поврзани со малцинските права.
Муцунски нагласи дека македонските позиции ѝ биле јасно пренесени на неговата бугарска колешка на неодамнешната средба во Шведска, додавајќи дека очекува свест и одговорност и од Софија за регионалната стабилност и европската перспектива на регионот.
МОЖЕБИ ЌЕ ВЕ ИНТЕРЕСИРА:












