Сериозно излевање на сирова нафта е регистрирано на брегот на Каспиското Езеро, откако беше оштетен подводен нафтовод на производното здружение „Азнефт“, кое работи во состав на Државната нафтена компанија на Азербејџан.
Според официјалните информации, нафтеното загадување е забележано во приобалниот дел кај плажата Дубенди, по што надлежните служби веднаш интервенирале. За да се спречи понатамошно истекување, транспортот на нафта низ оштетениот крак од нафтоводот е целосно запрен.
На местото на инцидентот се испратени специјализирани нуркачки екипи кои вршат подводен увид и ја проценуваат штетата. Првичните наоди укажуваат на сериозни механички оштетувања, а според компанијата, најверојатната причина е удар предизвикан од брод кој при закотвување го испуштил сидрото директно врз трасата на нафтоводот.
По инцидентот е активиран еколошки аларм, а службите за вонредни ситуации поставуваат плутачки брани околу погодената област со цел да го ограничат ширењето на нафтената дамка и да ја намалат штетата врз животната средина.
Во тек е истрага за утврдување на околностите и идентификација на пловниот објект што евентуално ја предизвикал хаваријата. Инцидентот повторно го отвори прашањето за безбедноста на подводната енергетска инфраструктура во Каспискиот регион и потребата од посилни механизми за нејзина заштита.
МОЖЕБИ ЌЕ ВЕ ИНТЕРЕСИРА:












