Продолжениот викенд донесе зголемен сообраќај и големи гужви на граничните премини. Од Авто-мото сојузот на Македонија (АМСМ) информираат дека на речиси сите гранични точки има задржувања поради зголемената фреквенција на возила.
На граничниот премин „Табановце“ за влез и излез од државата се чека околу 30 минути. На „Богородица“ состојбата е најоптоварена – за излез од Македонија се чека околу три часа, додека за влез околу еден час. Три часа чекање има и на граничниот премин „Дојран“ за излез од земјата.
Од АМСМ посочуваат дека на останатите гранични премини од македонска страна нема подолги задржувања.
Дополнително, Министерството за внатрешни работи информира дека само преку „Богородица“ во периодот од вчера напладне до денеска во 12 часот во Грција и од Грција поминале околу 17.500 лица.
Од нив, околу 6.000 биле македонски државјани. Во овој период, преку овој премин влез во Македонија оствариле 5.864 македонски државјани, додека 5.948 ја напуштиле државата. Кога станува збор за странските државјани, во земјава влегле 10.249 лица, а излегле 11.648.
На граничниот премин „Дојран“ бројките се значително помали. Во истиот период, во Македонија влегле 399 македонски државјани, а излегле 1.104. Од странските државјани, влез оствариле 1.295 лица, додека државата ја напуштиле 1.174 лица.
Од МВР велат дека се преземаат сите потребни мерки и се ставени во функција сите расположливи човечки и технички капацитети со цел забрзување на протокот на патници, при истовремено спроведување на задолжителните гранични проверки.
МОЖЕБИ ЌЕ ВЕ ИНТЕРЕСИРА:












