Министерството за здравство започна вонреден инспекциски надзор во три здравствени установи по случајот со 19-годишната родилка од Струмица, која по породување со царски рез остана со сериозни здравствени последици и загубена подвижност на нозете.
Државниот санитарен и здравствен инспекторат (ДСЗИ) врши проверки во Општата болница во Струмица, Клиничката болница во Штип и Универзитетската клиника за неврологија во Скопје. Надлежните ќе ја анализираат целокупната медицинска документација, по што стручна комисија треба да утврди дали имало пропусти во лекувањето.
Од Министерството за здравство посочуваат дека целиот случај ќе биде разгледан детално и професионално, без да се изостави ниту еден сегмент.
„Доколку се утврдат пропусти, ќе бидат преземени соодветни мерки согласно законските прописи“, велат од Министерството, додавајќи дека евентуалната одговорност на медицинските лица ќе се утврдува исклучиво врз основа на стручни наоди и факти.
Воедно, од ресорното министерство апелираат да се почитува правото на пациентката на приватност и достоинство, како и да се избегнат предвремени заклучоци и шпекулации додека трае истрагата.
Случајот привлече големо внимание во јавноста откако семејството на младата струмичанка обвини за несоодветен третман по породувањето со царски рез и спинална анестезија. По интервенцијата, пациентката била префрлена во Клиничката болница во Штип, а потоа на Клиниката за неврологија во Скопје за дополнителни испитувања.
Од Клиничката болница во Штип претходно најавија формирање сопствена стручна комисија за анализа на случајот, при што посочија дека при нивните прегледи не биле утврдени хируршки пропусти од нивна надлежност.
МОЖЕБИ ЌЕ ВЕ ИНТЕРЕСИРА:












