Министерот за транспорт Александар Николоски најави дека работите на проектот за брза пруга во Македонија веќе се во тек, со планирање започнато во октомври минатата година. Според него, до лето ќе заврши подготовката и првите багери ќе се појават на терен. Проектот за брза пруга од север кон југ треба да биде завршен во 2031 година, а една колосечна пруга ќе стане функционална веќе во 2028 година.
– Сега се работи најважниот дел кој не се гледа за граѓаните – добро планирање. Кога планирањето е квалитетно, проектот оди брзо и во рок. Пример за успешни проекти се автопатите Демир Капија – Смоквица и Скопје – Штип, рече Николоски.
Во врска со железницата на Коридорот 8 кон Бугарија, тој истакна дека вкупната инвестиција за целосно поврзување на Скопје и Софија се проценува на над 2 милијарди евра, од кои 810 милиони се обезбедени од македонска страна, а 1,2 милијарди евра од бугарска страна.
Николоски објасни дека македонските и бугарските железници интензивно работат на изградбата на меѓуграничниот тунел. Двете страни се ангажирани на документацијата и тендерските постапки. Од бугарска страна неодамна е ратификуван договорот, но политичката криза и падот на тамошната влада го забавуваат процесот. Сепак, железничките тимови од двете земји продолжуваат со работа, а наскоро треба да се формира Комитет кој ќе ја заврши документацијата за тунелот, базирана на проектот изработен од Македонски железници.
МОЖЕБИ ЌЕ ВЕ ИНТЕРЕСИРА:












