Уште една рунда разговори меѓу политичките партии за новиот Изборен законик заврши без договор, бидејќи остануваат непроменети разликите околу гласањето на дијаспората, воведувањето една изборна единица и начинот на одлучување во Државната изборна комисија.
Иако координаторите на пратеничките групи во Собранието разговараа неколку часа, не беше постигнат компромис за најспорните прашања. Единствен напредок има околу распределбата на буџетските средства за изборните кампањи, за што е постигната начелна согласност.
Од ВМРО-ДПМНЕ велат дека се подготвени да ги прифатат предлозите на опозициските партии, вклучително и воведување една изборна единица и измените во финансирањето на политичките партии, доколку биде прифатено дијаспората да може да гласа по пошта. Според нивниот предлог, деталите за спроведување на ваквиот модел треба да бидат уредени со подзаконски акт на Државната изборна комисија најдоцна до 30 септември 2028 година.
Од СДСМ, пак, истакнуваат дека не се против гласањето на иселениците, туку против модел кој, според нив, не нуди доволни безбедносни гаранции и остава простор за можни изборни злоупотреби. Партијата смета дека правилата за гласање на дијаспората треба да бидат усвоени со консензус во ДИК.
Левица останува на ставот дека компромис е можен само доколку се воведе една изборна единица. Партијата предлага гласањето по пошта најпрво да се тестира на претседателските избори, додека електронското гласање го отфрла поради, како што наведува, ризикот од злоупотреби.
Од ДУИ оценуваат дека преговорите практично се завршени. Според партијата, ВМРО-ДПМНЕ се повлекла од претходно договорените решенија за електронско гласање на дијаспората и за носење на подзаконските акти во ДИК со консензус, што, според нив, отвора можност за политички надгласувања.
Работната група, сепак, постигнала согласност околу распределбата на средствата за изборните кампањи. Предлогот предвидува 97 проценти од средствата да се распределуваат според бројот на освоени пратенички мандати, а три проценти да бидат наменети за партиите и групите избирачи кои немаат претставници во Собранието.
И покрај договорот за овој дел од реформите, најголемата пречка и натаму останува моделот за гласање на дијаспората. Доколку не се постигне политички компромис, неизвесно е дали државата ќе добие нов Изборен законик пред следните изборни циклуси.
МОЖЕБИ ЌЕ ВЕ ИНТЕРЕСИРА:












