Прекината е денешната седница на Советот на Град Скопје откако градоначалничката Данела Арсовска и претседателот на Советот Трајко Славески имаа жесток вербален дуел полн со навреди и меѓусебни дофрлувања.
-Почитувани, заради опструкцијата од страна на градоначалникот ја прекинувам седницата на Совет за поставување на советнички прашања затоа што не постојат услови заради недоличното однесување на градоначалничката Арсовска, објави попладнево Славески.
Продолжението на седницата тој го закажа за 14 ноември во 11 часот.
Препукувањата започнаа уште на почетокот на седницата кога Славески јавно го повика Инспекторатот за локална самоуправа да интервенира бидејќи е попречен во работата откако некој ја однел опремата и копчето со кое може да ги исклучува говорниците на главната говорница.
-Јас како претседател на Советот во неколку наврати и усно и писмено се обратив да му се овозможи на претседателот на советот тоа деловничко и статутарно право, дури потпишав и една наредба до Секторот за општи работи, но до овој момент не е постапено по неа. Јас немам начин за одземање на збор освен да исклучувам микрофони на советниците, рече Славески.
Откако Славески кажа дека не може никој да збори од говорница, туку од место или од микрофонот до него, бидејќи сè уште не му е вратено копчето за вклучување/исклучување на микрофонот, од говорницата беше тргнат микрофонот. Градоначалничката Арсовска си стави подвижен микрофон, а пред да ѝ даде збор Славески, тој ѝ рече на Арсовска дека уште еднаш ја предупредува дека не може да зборува од говорницата и да дојде напред.
-Бидејќи не ми е вратено копчето, нема да може да се збори од говорница туку ќе зборите од место, а градоначалничката наместо да седи во магерешките клупи, може да дојде тука, до мене има микрофон, ѝ се обрати Славески на Арсовска
Меѓутоа, Арсовска со поставен подвижен микрофон отиде на говорницата и му рече на Славески дека е Хитлер и крадец.
-Господине Хитлер не ви доликува ова што го правите. Вие го кршите деловникот и сте крадец. Вие сте деспот и тиранин и ништо повеќе. Јас имам право да изберам начин на којшто ќе се изјаснам. Вие се иживувате. Единствен кој тука недолично се однесува сте вие, рече Арсовска.
На ова Славески одговори дека има право да и одземе збор.
-Јас сум тој кој одлучува. Имам право да Ви го одземам зборот, возврати Славески.
Во просториите на Советот беше викната и полиција по повик на градоначалничката Арсовска која пријавила дека претседателот на Советот Трајко Славески дека го украл микрофонот кој стои на говорницата. Службите од Градот им даваа изјава на полицајците кои правеа записник за случајот.
МОЖЕБИ ЌЕ ВЕ ИНТЕРЕСИРА:












