СВР Битола, во координација со Одделот за криминалистичка полиција, РЦГР Запад и РЦГР Југ, поднесе кривична пријава до Основното јавно обвинителство Битола против В.П. (40) од село Стење, ресенско, со престој во Битола, како и против уште едно непознато лице, поради сомнение за сторено кривично дело „измама“.
Според полицијата, на 5 февруари 2026 година околу 11:30 часот во Битола, осомничените довеле во заблуда 72-годишна жена. Непознатото лице ѝ се јавило на мобилен телефон и ѝ кажало дека нејзината снаа е тешко повредена и дека се потребни пари и злато за операција. Набргу потоа, лицето дошло во нејзиниот дом, при што таа му предала златна огрлица и златно ланче со привезоци. Со измамата, сторителите се стекнале со противправна имотна корист од околу 40.000 денари.
Следниот ден, на 6 февруари околу 9:30 часот, во близина на Саат-кулата во Битола, на сличен начин биле измамени 76-годишна жена и нејзиниот сопруг. Непознатото лице телефонски се претставило како доктор од болница во Охрид и им соопштило дека нивната внука е тешко повредена и дека се потребни пари за операција. По претходен договор, оштетените се сретнале со осомничениот и му предале 7.000 евра.
По пријавите, полицијата презела мерки и активности за расчистување на случаите. Извршени биле претреси на повеќе локации што ги користел првопријавениот, при што биле пронајдени предмети поврзани со кривичните дела. В.П. бил лишен од слобода, против него е поднесена кривична пријава, а судија на претходна постапка му одредил притвор од осум дена.
Се преземаат активности за пронаоѓање на второто осомничено лице.
МОЖЕБИ ЌЕ ВЕ ИНТЕРЕСИРА:












