Насилни судири меѓу антивладините демонстранти и безбедносните сили продолжија вчера на повеќе локации низ Иран, додека немирите, поттикнати од тешката економска состојба, влегоа во 11-ти ден. Полуофицијалната новинска агенција Фарс објави дека во југозападниот град Лордеган биле убиени двајца полицајци, за што се обвинуваат вооружени лица.
На социјалните мрежи кружат видеа со жестоки конфронтации, пукање и употреба на солзавец. Според организацијата за човекови права HRANA, протестите се прошириле во 111 градови низ сите 31 провинција, при што најмалку 34 демонстранти и четворица припадници на безбедносните сили го загубиле животот, а околу 2.200 лица биле уапсени. Иранските власти официјално потврдуваат помал број жртви, додека меѓународните медиуми, вклучувајќи ја и BBC, работат под строги ограничувања.
Протестите започнаа на 28 декември поради драматичниот пад на вредноста на иранскиот ријал и високата инфлација, која достигна околу 40 проценти. Незадоволството брзо доби политичка димензија, со слогани насочени против врховниот лидер Али Хамнеи, како и повици во поддршка на поранешната династија Пахлави.
Немири се регистрирани во повеќе градови, меѓу кои Казвин, Машхад, Бандар Абас и Абадан, каде демонстрантите влегле во директни судири со полицијата. Во некои случаи, безбедносните сили биле принудени да се повлечат под притисок на толпата.
Владата соопшти дека прави разлика меѓу мирни демонстранти и, како што ги нарекува, „бунтовници“, најавувајќи брзи судски постапки за насилните учесници. Во обид да ја смири јавноста, властите воведоа и нов месечен паричен надоместок за дел од населението.
Тензиите дополнително се зголемија откако американскиот претседател Доналд Трамп предупреди на можна интервенција доколку дојде до масовно насилство врз мирни демонстранти. Аналитичарите оценуваат дека протестите се најсериозни од немирите во 2022 година, предизвикани од смртта на Махса Амини, и дека постои реален страв од нов бран репресија доколку кризата продолжи да се продлабочува.
МОЖЕБИ ЌЕ ВЕ ИНТЕРЕСИРА:










