Килијан Мбапе нема да настапи за Реал Мадрид во вечерашното „Ел Класико“ против Барселона, натпревар кој може директно да ја реши шампионската трка во Ла Лига. Францускиот напаѓач не се најде на списокот на Алваро Арбелоа за гостувањето на „Камп Ноу“, откако повторно почувствувал проблем со задната ложа.
Иако Мбапе претходно се врати на тренинзи со тимот, стручниот штаб решил да не ризикува со негов настап во меч со висок интензитет. Реал така останува без своето најголемо офанзивно оружје во клучниот дуел од сезоната.
Сепак, во Мадрид вниманието не е насочено само кон повредата. Последните денови околу францускиот ас се отворија бројни критики, откако беше објавено дека за време на рехабилитацијата отпатувал во Сардинија со партнерката. Иако според дел од медиумите патувањето било одобрено од клубот, јавноста и дел од навивачите тоа го сфатија како несериозен потег во период кога Реал се соочува со резултатска и атмосферска криза.
Според информации на европски медиуми, кои ги пренесува и бугарската агенција БГНЕС, Мбапе наводно почнал да ја губи поддршката во соблекувалната. Се споменуваат незадоволство од неговото однесување, доцнења и впечаток дека не покажува доволно дисциплина во момент кога тимот има потреба од лидерство. Иако станува збор за медиумски тврдења, тие дополнително ја зголемија дебатата околу неговата улога во клубот.
Арбелоа претходно јавно застана во одбрана на Французинот, нагласувајќи дека Мбапе направил големи жртви за да го облече дресот на Реал Мадрид. Тренерот порача и дека правилата на клубот важат за сите, без разлика на името и статусот на играчот.
Без Мбапе, Реал ќе мора да бара алтернативни решенија во нападот преку Винисиус Жуниор, Гонзало Гарсија, Брахим Дијаз и Франко Мастантуоно. Арбелоа може да се одлучи за класична офанзивна поставеност или за пофлуиден напад без изразена деветка.
Барселона, пак, во дербито влегува со значително подобра позиција и со позитивен резултат може и математички да ја обезбеди титулата. За Реал овој натпревар е многу повеќе од обично дерби – тоа е тест за тимот во момент кога клубот се соочува со повреди, резултатски притисок и внатрешни тензии.
МОЖЕБИ ЌЕ ВЕ ИНТЕРЕСИРА:












