Американската тениска легенда Серена Вилијамс планира да одигра неколку мечеви во поединечна конкуренција за да се подготви за можното враќање на Отвореното првенство на САД.
Вилијамс минатиот месец се врати на тениските терени по пауза од речиси четири години, настапувајќи во конкуренција на двојки. Во Квинс играше со Канаѓанката Викторија Мбоко, а на турнирот во Берлин настапи заедно со Чехинката Каролина Мухова.
Организаторите на Вимблдон ѝ доделија специјална покана за настап и во поединечна и во конкуренција на двојки, каде што требаше да игра со својата сестра Венус Вилијамс.
Сепак, 23-кратната гренд слем шампионка беше елиминирана уште во првото коло од Австралијката Маја Џоинт по три сета, а во тој меч заработи повреда на коленото, поради што го откажа настапот во двојки.
Отвореното првенство на САД започнува на 23 август во Њујорк, а доколку целосно закрепне, 44-годишната Вилијамс се очекува повторно да добие специјална покана за настап.
Нејзината тренерка Рене Стабс изјави дека Серена има силна желба да продолжи со натпреварување, но дека конечната одлука ќе зависи од нејзината физичка подготвеност и личните обврски.
„Таа сака да се обиде да продолжи. Сè зависи од неа. Треба да ги земе предвид семејството, деловните обврски и, пред сè, здравствената состојба. Сервира одлично и сè уште ја удира топката на високо ниво. Доколку одигра уште неколку мечеви, тоа би ѝ помогнало пред Отвореното првенство на САД. Најважно е коленото целосно да се опорави“, изјави Стабс за „Скај“.
Во пресрет на последниот гренд слем турнир сезонава, во август ќе се одржат и мастерс турнирите од серијата 1000 во Торонто и Синсинати, кои би можеле да бидат дел од подготовките на Вилијамс.
МОЖЕБИ ЌЕ ВЕ ИНТЕРЕСИРА:












