Цените на нафтата забележаа благ пад вчера попладне, откако неколку танкери успешно поминаа низ Ормускиот теснец. Ова ги зголеми очекувањата кај трговците дека и други бродови ќе можат да го користат овој клучен транспортен правец во нестабилниот Блиски Исток.
Според податоците од светските берзи, цената на суровата нафта се намали за 5,56 проценти и изнесуваше 93,22 долари за барел околу 15 часот. Во исто време, нафтата од типот Брент поевтини за 2,62 проценти, достигнувајќи 100,38 долари за барел.
Американскиот министер за финансии, Скот Бесант, изјави дека САД им дозволуваат на иранските танкери да минуваат низ Ормускиот теснец, со цел да се обезбеди континуирано снабдување со нафта на глобално ниво, пренесе CNBC.
Тој оцени дека светските цени на нафтата во наредните месеци би можеле значително да се намалат и да паднат под 80 долари за барел.
Во меѓувреме, претседателот на САД, Доналд Трамп, ги повика другите земји да се вклучат во обезбедувањето на безбедна навигација низ теснецот, додека со сојузниците разговара за дополнителни мерки за заштита на танкерите.
Истовремено, Трамп нареди воздушни напади врз ирански воени цели на островот Харг, но нагласи дека нафтената инфраструктура засега не е оштетена.
МОЖЕБИ ЌЕ ВЕ ИНТЕРЕСИРА:












