Светското првенство 2026, кое се одржува во САД, Канада и Мексико, отвори нов бран критики кон раководството на ФИФА и нејзиниот претседател Џани Инфантино, кој се соочува со сè поголем притисок пред претседателските избори во 2027 година.
Според повеќе медиумски извештаи, во УЕФА расте незадоволството од начинот на кој ФИФА управува со светскиот фудбал, па европската куќа веќе разгледува можност да застане зад силен противкандидат на Инфантино.
Изборите се закажани за март 2027 година, а рокот за поднесување кандидатури истекува на 18 ноември годинава.
Иако во јавноста се споменуваше претседателот на УЕФА, Александер Чеферин, тој засега не планира да влезе во трката. Меѓу потенцијалните кандидати се најде и првиот човек на ПСЖ, Насер Ал-Келаифи, кој исто така не покажува интерес за функцијата.
Како најсериозен можен предизвикувач сега се споменува полскиот бизнисмен Дариуш Миодушки, претседател на Легија Варшава и потпретседател на Европската клупска асоцијација. Сепак, без силна поддршка од УЕФА, неговите шанси против Инфантино би биле значително помали.
Инфантино ја предводи ФИФА од 2016 година, но во последниот период се соочува со бројни критики. Дополнителни реакции предизвикаа неговите блиски односи со американскиот претседател Доналд Трамп, како и организациските проблеми за време на Светското првенство, особено околу визниот режим, поради кој навивачи, новинари и официјални лица од повеќе земји имаа потешкотии да пристигнат на турнирот.
Следниот период би можел да биде пресуден за иднината на ФИФА, бидејќи европскиот фудбал сериозно размислува за промени во врвот на светската фудбалска организација.
МОЖЕБИ ЌЕ ВЕ ИНТЕРЕСИРА:










